Уровот го јакне срцевиот мускул

Уровот е едно од најнепознатите мешункасти растенија во земјава, кое ретко може да се најде и да се купи. За уровот, малку се знае, а некои дури и првпат слушаат  дека постои ова мешункасто растение.

Тоа може да се стави во групата со леблебијата, пченицата, граорот, а на времето, граѓаните многу често го комбинирале со кафе. Пред неколку месеци, по повеќе од триесет години, за првпат се засади уров во штипското село Врсаково. Оваа ретка фуражна култура, некогаш била главна храна за добитокот.

Уровот добро котира на пазарот. Освен во сточарството, наоѓа примена и во прехранбената индустрија, па оттука и се откупува по висока цена.Него претежно го има во јужна Србија и мал дел во западна Македонија. Тој се сее на крајот на февруари.

Спаѓа во групата на мешункасти растенија и не бара многу вода. Цути на почетокот на мај, а се жнее на крајот на јуни, заедно со пченицата и граорот. Бербата порано се одвивала рачно, сега родот се собира машински.

Од дамнина, уровот се сметал дека го јакне мускулното ткиво, поготово срцевиот мускул. Сознанијата за дејствата на уровот, долги години наназад била љубоморно чувана тајна од нашите претци поради афродизијачките својства. Во научните кругови сметаат дека неговите ефекти се јавуваат благодарение на извонредниот сооднос на калиум, калциум и магнезиум со јагленохидратите како и изобилството на витамини. 

Advertisement