Јадете повеќе леќа

leka
Нискиот процент на кардиоваскуларни болести кај жителите на Шпанија и Италија е директно поврзан со исхраната богата со леќа, а леќата помага и во губењето на вишокот килограми, бидејќи содржи многу малку калории. 

Леќата се вбројува во групата на зрнести мешунки заедно со гравот, грашокот и боранијата. Досега се познати околу четириесетина видови различни по бојата, големината и обликот. 

Леќата се одгледувала уште од камено време, а се претпоставува дека потекнува од југозападна Азија, од каде преку Средоземјето се проширила кон Европа. 

Инаку се смета дека леќата е првата намирница која човекот почнал да ја одгледува. Пронајдена е во археолошките наоѓалишта на Блискиот Исток кои потекнуваат од пред околу 8000 години, а и во гробниците на египетските фараони. Леќата ја одгледувале и старите Грци и Римјани, а истата се спомнува и во Библијата. Леќата заедно со јачменот и пченицата со векови била основна намирница за луѓето.   

Леќата е ефтина и исклучително здрава. Полна е со протеини и хранливи влакна и во 100 грама сува леќа може да се најдат 48% од препорачаните дневни потреби за протеини и 46% од препорачаните дневни потреби за хранливи влакна.    

Лековитите својства на леќата се многубројни. Оваа мешунка не содржи заситени масни киселини, ниту штетен холестерол, а е извонреден извор на хранливи влакна. Хранливите влакна го намалуваат нивото на гликоза и холестерол во крвта, го забрзуваат метаболизмот и го скратуваат задржувањето на храната во органите за варење, па на тој начин го намалуваат ризикот од рак на дебелото црево. 

Леќата е богата и со витамин Б што поволно влијае на нервниот систем и на здравјето на кожата и косата, а високиот процент на железо ја спречува појавата на слабокрвност.    

При подготовка секогаш ставајте ја леќата во врела вода бидејќи така побрзо се вари. Зависно од видот, леќата се вари од 20 до 40 минути, а се служи како вариво, додаток во салати или како прилог со месо и риба.   

Advertisement