Хиперактивно дете – „торнадо во домот“

хиперактивно дете

Сите деца, посебно тие од три до девет години се разликуваат по својот темперамент. Некои се мирни, флегматични и послушни. Другите се поживи, потемпераментни со тенденција да бидат и самоволни. Сепак, постои и една посебна група на деца, кои излегуваат од овој шаблон на однесување и се познати како хиперактивни деца. Тие немааат ментални нарушувања, но имаат вишок енергија, која имаат потреба да ја потрошат.

Нарушувањето на вниманието (АДД) и нарушувањето на вниманието со хиперактивност (АДХД) се најчестите нарушувања на однесувањето во детството, од кои страдаат пет отсто од децата на училишна возраст.
Хиперактивните деца изгледаат како и сите други здрави деца. Но, тоа што ги прави поразлични е нивното необично однесување. Уште од мали, тие се силно раздразливи и нервозни.

Постојано плачат, се сепнуваат на најмал шум, послабо спијат и родителите дури во периодот на доење, тешко можат да им ги задоволат потребите. Кога ќе потпораснат – кога се моторно активни, тие се неиздржливи како за семејството, така и за луѓето од околината.
Во периодот додека се на училиште постојано го менуваат своето расположение. Ја почнуваат играта со едни деца, а веднаш после тоа ја прекинуваат и се префрлуваат на друга. За време на часовите или за време на одморот, ги задеваат другарчињата, им ја растураат играта, а играчките бесно ги расфрлаат по собата. Затоа пред да ги прогласите вашите деца за „лоши“ или „неподносливи“, погледнете го пописот на симптоми на ова нарушување, веднаш реагирајте и однесете ги на лекар.

Хиперкинетичкиот синдром – дефицит на вниманието со хиперактивност , ADHD ( Attention Deficit / Hiperactivity Disorder) се смета како невробиолошко пореметување и се карактеризира со дефицит на внимание, имплусивност и хиперактивност.
Според психолозите, хиперактивноста најчесто се појавува кај децата од шест до девет години и тука доминираат момчињата.
– На однесувањето на хиперактивните деца најмногу се жалат родителите или учителите и тоа посебно е изразено кај децата од првите училишни класови. Децата покажуваат невнимание, изгледаат како да не слушаат, треба повеќе пати да им се повтори, го задржуваат вниманието многу кратко, се среќаваат со потешкотии во исполнувањето на задачите, кои бараат редица од постапки.

Овие деца најчесто се имплусивни, одговараат пред да им биде поставени прашањата, кажуваат без да размислат – хиперактивни се, постојано се во движење, постојано разговараат, прават бучава, спијат немирно, често се тепаат и никогаш не си ги редат книгите во училишната чанта. Ваквото нарушување се јавува уште пред седумгодишна возраст – објаснува Ивана Стоименовска, психолог.

Според неа, родителите можат да научат специфични начини на однесување со хиперактивните деца, доколку поминат соодветен родителски тренинг.
– Тоа е возможно кај родители, кај кои односите не се сериозно дисфункционални. Хиперактивноста на децата не може да биде сопрена, во најдобриот случај таа може да биде канализирана, на пример, собите да бидат со помалку предмети, кои можат децата додека играат да ги скршат. Во собата за учење треба да бидат тргнати сите предмети, кои можат да го одвлечат вниманието на детето, вклучен телевизор, прозорец кој гледа кон улицата, бидејќи секогаш е подобро да се предвидуваат можните последици, отколку да се реагира предоцна. Родителите со децата секогаш треба да комуницираат директно , точно и едноставно. На пример – „Измиј си ги рацете„ наместо Зошто не си ги изми рацете? – објаснува психологот Стоименовска.

Таа додава дека е нормално родителите понекогаш да се чуствуваат раздразливо во однос на тешкото однесување на нивните деца, но многу е важно да не реагираат имплусивно и да не ги обвинуваат.
Во тинејџерските години како резултат на хиперкинетичкиот синром, може да се јават психички нарушувања во поведението. По правило, тоа се тешки деца, кои стануваат деликвентни адолесценти, за што придонесуваат многу фактори. Меѓу нив се, долга историја на слаби училишни постигнувања, негативна слика за себе, ниско самопочитување, желба да се прифати од другите по секоја цена, имплусивност и експлозивност.

Според психологот Стоименовска раната дијагноза и мултидисциплинираните и кординирани интервенции кај децата со РДВХ – се превентива на растројствата во поведението, деликвентност и зависност од наркотици во детска и адолестентска возраст.
На овие деца може да им се помогне. Но, за да им се пружи соодветната помош, треба да се постави точна дијагноза, да се издвојат заболувањата на мозокот, кои настануваат со органски или други промени. Во третманот на овие деца огромна улога игра отстранувањето на многубројни психолошки фактори од околината, кои негативно влијаат на децата со оваа состојба, како корекција на односите во семејството, менување на односот на родителите кон тие деца, не треба да се употребува сила кон нив, методи на релаксација со кои се намалува внатрешната тензија кај децата, кои го фокусираат вниманието кон одредена привлечна активност. Исто така се даваат одредени благи лекови, кои со своето физиолошко дејство ги смируваат децата.

Advertisement